Градежните работи на социјалната зграда во општина Бутел, на ул. Босна и Херцеговина се одвиваат во предвидената динамика. Завршен е целосен ископ и изработена е заштита на градежната јама. На Ламела 1 поставен е мршав бетон и поставена е хоризонтална изолација, односно подготвени се условите за отпочнување на работа за изработка на темел. На Ламела 2 темелната плоча е армирана, оплатирана и бетонирана. Се работи на бетонирањето на подрумските столбови и ѕидови. Објектот ќе има 312 стана односно станува збор за голем објект кој ќе овозможи покрив на глава на голем број ранливи семејства, односно лица од социјално ранливите категории граѓани. Исто како и во сите останати социјални згради, АДСДП особено внимание обрнува на инвалидизираните лица за кои во објектот се предвидени прилагодливи станови, соодветен пристап пред влезовите, како и посебни паркинг места.
Зградата е составен дел на проектот Ф/П 1674 чија главна цел е обезбедување пристап до соодветно домување и борба против сиромаштијата и социјалната исклученост.
Со подеднакво интензивна градежна динамика се работи и на социјалните згради во Пробиштип, Свети Николе, Неготино и во Виница.