Клучевите од становите беа доделени во присуство на Генералниот директор на АДИССДП Марјан Стефановски, министерот за транспорт Александар Николоски и премиерот Христијан Мицковски.
„Денес официјално доделуваме 29 станови на семејства од социјален ризик од Велес. На сите им посакувам среќни моменти и добро здравје. Становите се со големина од 39-45 м2, а вкупната површина на зградата е 1.843м2’’, изјави Стефановски.
Во насока на потврдата на заложбите на Владата за излегување во пресрет на потребите на граѓаните тој ги посочи и превземените активности за намалување на цената на станбениот квадрат.
„Во понеделник ќе биде објавен оглас за продажба на станови во комерцијалната зграда во Битола, а тоа е едно од ветувањата што ги даде Владата на Република Македонија за намалување на цената на станбениот квадрат на територијата на оваа општина, но и низ цела држава“, додаде Стефановски.
Според министерот Николоски, социјални згради и во иднина ќе се градат во сите делови на државата, со што ќе биде обезбедена вистинска поддршка на голем број семејства. Тој најави градежни активности и во делот на изградба на комерцијални станбени згради.
„Преку изградба на комерцијални згради ќе се обидеме да интервенираме во цената на квадратот која што за жал во одредени градови достигнува басносновни суми.Тие дефинитивно мора да одат надолу така што во идниот период ќе имаме вакви и слични проекти“ изјави Николоски.
Кон желбите за поубав и поуспешен живот на идните станари во новите станбени единици се приклучи и премиерот Мицковски. Според него, среќните лица само ја потврдуваат мисијата на Владата за излегување во пресрет на потребите на што поголем број граѓани.
„Директорот кажа дека тука не застануваат, ја спомена Битола, односно градежната акција што ја реализираат во овој град со цел намалување на цената на станбениот квадрат. Ценам дека така треба да се продолжи во периодот кој што следи’’ посочи Мицковски.
Сите инвестиции во следниот период според премиерот Мицковски се во насока на заложбите на Владата да го испорача тоа што го ветила на граѓаните.