Социјалната зграда која ќе биде дом на 35 семејства од социјално ранливите категории граѓани беше пуштена во употреба во присуство на Генералниот директор на АДИССДП Марјан Стефановски, министерот за транспорт Александар Николоски и премиерот Христијан Мицковски.
Денес ги предаваме клучевите од третата социјална зграда во Кочани чии станови се со површина од 35- 45 м2. На семејствата им посакувам добро здравје и убави моменти во овие станбени единици. Нашето Друштво преку Владата на РСМ во моментов гради станови во скопските општини Сарај и Бутел и во општината Прилеп , а во наредниот период ќе бидат доделени и клучеви на социјално ранливи категории граѓани во Велес’’, изјави Стефановски
Според министерот Николоски, станува збор за инвестиција од 72 милиони денари која што оди директно од буџетот, посочувајќи дека дека и во иднина ќе продолжи ваквата поддршка.бидејќи како што рече“ се работи за категорија на граѓани кои што навистина имаат потреба’’.
“После неколку месечна успешна работа на новиот директор на АДИССДП,како и на неговиот тим веќе ги гледаме првите резултати. Завршена е процедурата во соработка со министерството за транспорт за распределба на социјални станови за ранливи категории на граѓани и во Кочани и во Велес’’, изјави вицепремиерот Николоски. Потврдувајќи ја заложбата на Владата за заштита на стандардот на граѓаните ја посочи и одлуката да се стави крај на екстремно високите цени на комерцијалните недвижности.Како показател ја истакна цената од 1000 евра за м2 во комерцијалната зграда која веќе се гради во Битола, најавувајќи дека вакви станови ќе се градат и во Охрид, а потоа ќе следува повик и во Скопје.
На важноста на инвестициските проекти кои значат подобрување на животните услови на граѓаните посочи и премиерот Мицковски кој им посака среќа и благосостојба на семејствата кои денеска добија дом во социјалната зграда во Кочани.
„За мене претставува секогаш задоволство кога ќе можам да бидам дел од ваков настан кога се пушта нешто во употреба и кога имаме корисници коишто со задоволство го очекуваат овој момент. На овој начин правиме добри работи за луѓето, и како Влада ќе продолжиме да инвестираме во социјалната и инфраструктурната изградба’’, изјави Мицковски
Новата социјална зграда во Кочани според присутните е само уште една потврда на посветеноста на Владата во насока на проектите кои носат вистински промени , а кои значат подобрување на животот и стандардот на граѓаните.