Во изградба е нова социјална зграда во Велес
Зградата во Велес ќе овозможи дом на 29 семејства од социјално ранливите категории граѓани. Рокот на изградба е мај 2022 година, а вредноста на договорот е речиси 42 милиони денари. Според министерт за транспорт и врски Благој Бочварски и Генералниот директор на АДИССДП, Кристијан Трајковски објектот е уште една потврда за грижата на државата за решавање на станбеното прашање на лицата на кои им е најпотребно. „Во моментов, во објектите од овој тип се работи на 650 станбени единици.Годинава во буџетот на Министерството беа предвидени 134 милиони денари за реализација на овие проекти. Минатогодишните средства за оваа намена беа целосно искористени , што е исклучително добар пример и потврда за успешно менаџирање на работите од страна на Генералниот директор Трајковски, и воопшто на АДИССДП’’, рече Бочварски. Според Трајковски, завршени се постапките за уште 3 социјални згради, а во тек е избор на изедувач на објект од ваков тип во Дебар. На прашањето дали се размислува за обезбедување станови за времено сместување на семејства кои немаат каде да се сместат бидејќи нивните станови или куќи биле опожарени, Генералниот директор на АДИССДП одговори дека веќе имало вакви случаи и на тие лица , преку распределба од страна на Комисијата за станбени прашања при Влада на РСМ им било овозможено времено сместување во објектите со коишто стопанисува Друштвото. „Сите лица кои се соочиле со несреќа од ваков тип треба да се обратат до подрачните единици АДИССДП, каде нашите вработени ќе ги упатат како да го остварат ова право‘‘, рече Трајковски. Посочувајќи дека грижата за социјално ранливите категории граѓани е приоритетна за Друштвото, рече дека во моментов заедно со Министерството за транспорт и врски се работи на ново законско решение. Со него се предвидува полесен начин за откуп на социјалните станови опфатени со претходниот проект Ф/П 1340, како и на општествените станови и тоа во насока на пониски каматнастапки и поголем број рати за отплата.