Завршена социјална зграда во Пробиштиш со 48 станбени единици
Социјалната зграда во Пробиштип ќе овозможи решавање на станбеното прашање на 48 семејства од социјално ранливите категории на граѓани. Становите се со површина од 35 – 45 м2, а ќе бидат распределени во транспарентна постапка согласно методологијата на бодирање на кандидати после локалните избори. Според Генералниот директор на АД за стопанисување со станбен и со деловен простор од значење на Републиката – Кристијан Трајковски, денешната заедничка обиколка на зградата со Министерот за транспорт и врски Благој Бочварски и градоначалникот Драган Анастасов, покажала дека на терен е завршено се што е планирано во проектот.
„Очекувам дека после Нова година и поголемиот дел од социјалните згради што ги започнавме во последниве две години ќе бидат при крај и дека во утврдените временски рокови ќе бидат распределени на граѓаните на кои што им се најпотребни“, рече Трајковски. Според него, АДИССДП останува силно посветено на социјалната политика заедно со министерот и со сите градоначалници што се вклучени во овој процес, што е и потврда за успешноста на овој проект кој, како што рече, за брзо време ќе се затвори.
Според министерот Бочварски, со градење на објекти од ваков тип Владата покажува посветеност и желба да ги решава суштински потребните прашања кои ги засегаат граѓаните.
„Секоја станбена единица е шанса за подобар живот на наши сограѓани. Со програмата на изградба и одржување на станови во изминатите години се изградени околу 750 станбени единици, а во овој момент во тек на изградба се преку шестотини вакви станови на 8 локации во 8 општини во државата“, рече Бочварски.
Изразувајќи задоволство од завршување на проектот, градоначалникот Анастасов рече:„ Јас ги знам проблемите на овие сограѓани кои ќе можат да аплицираат и да решат еден децениски, долгогодишен проблем, односно да имаат свој кров над глава“.
Вкупната сума на чинење на објектот во Пробиштип изнесува 68,880,116 денари.