Финишира изградбата на социјалната зграда во Гевгелија
Социјалната зграда во Гевгелија ќе овозможи дом за 52 семејства од социјално ранливите категории на граѓани.
Извршувајќи увид во динамиката на изградба на социјалната зграда во Гевгелија генералниот директор на АД за стопанисување со станбен и со деловен простор од значење на Републиката, Кристијан Трајковски и Министерот за транспорт и врски, Благој Бочварски изразија задоволство од брзината на реализација на градежните активности.
– Се работи за социјален објект со вкупна вредност од 79 милиони денари. Реализацијата на овој објект е 70% завршена и очекувам дека во наредната година овој објект ќе го предадеме на Министерството за транспорт и врски и ќе започне распределбата на сите оние станови кои им се потребни на нашите граѓани од социјална категорија – изјави генералниот директор, Кристијан Трајковски.
Дополнително, Трајковски нагласи дека наредната година, Акционерското друштво ќе излезе со значителна понуда на комерцијални станови за граѓаните на РСМ.
– Тука ќе бидат становите кои што ќе им ги понудиме на нашите граѓани по коректни цени во Скопје, Битола, Охрид и во другите градови – нагласи Трајковски.
– Владата на РСМ преку конкретни проекти и инвестиции, овозможува развој на локалните самоуправи и подобрување на животниот стандард на граѓаните. Како партнери на општините, преку инфраструктурните проекти што ги реализираме, имаме за цел да го подобриме животот на граѓаните, да ја раздвижиме економијата и да обезбедиме рамномерен регионален развој. И до сега тоа успешно го правевме за што говорат бројните проекти кои што ги реализираме – истакна министерот Бочварски.