Историјат на Национална Арена Тоше Проески

Историјат на Национална Арена Тоше Проески

Во 1947 година започна изградбата на “Градски Стадион Скопје“ сместен во Градски парк со капацитет од 15.000 гледачи, распоредени во две трибини за седење и две трибини за стоење. Веќе во почетокот на седумдесетите години се појави  и првата потреба за реконструкција и доградување согласно зголемените барања на стандардите за игра, како што е поставување на осветлување за одржување на вечерни утакмици и покривање на дел до гледалиштето со поставување на кровна конструкција. Оваа прва фаза започна во 1978 година и во период од две ипол години се реализираше изградбата на Јужна трибина со  капацитет од 9.800 места за седење. Во почетокот на осумдесетите години од минатиот век се поставија и четири столба со рефлектори кои обезбедуваат осветленост од 750 luxa на теренот кои за тоа време претставуваа  врв на тогашните можности и потреби за играње на вечерни натпревари, но недоволни за спроведување на квалитетни ТВ преноси. Со поставувањето на дополнителни рефлектори под кровната конструкција на Јужна трибина беа добиени дополнителни 200 luxa со што се  дојде до вкупно 950 luxa.

На 05 Декември 2006 година, Владата на Република Македонија со одлука бр. 19-6111/1, одлучи  да почне процесот на изградба на   Северна трибина на Градскиот Стадион, со што започна и целосната реконструкција на стадионот кој  полека почна да го добива својот финален изглед. Во текот на 2007 година се изготви проектна и тендерска документација за уривање и изградба на старата Северна трибина на Градски Стадион Скопје. Реализацијата на овој дел од проектот беше планиран и изведен за 18 месеци од почнувањето. Активностите за уривање  на Северна трибина започнаа на 04 Јануари 2008 година, а  изградбата на трибинскиот дел за публиката со сите потребни приоди и санитарни јазли заврши на 02 Август 2009 година.

Со капацитет од 10 338 седишта  Северна трибина стана и главна трибина со централна ложа за ВИП гости со 494 седишта и новинарски дел со 248 новинарски места и 9.596 седишта за гледачите распоредени во 12 сектори. Со изградбата на Северната трибина се добија и нови простории, меѓу кои  соблекувални за играчите, судиите и делегатите, простории за новата механизација за одржување на тревната површина, управата на стадионот, ВИП и ВВИП простор, контролна просторија во која е сместена опремата за видео надзор на стадионот, командување за осветлување на стадионот, простории за ФФМ и УЕФА, нови санитарни јазли за публика, простори за прва помош за фудбалери и гледачи. Оформен е целосен прес центар за работа на новинари и фоторепортери како и сала за состаноци и прес конференции. Во делот на ВИП просторот се наоѓа и ресторански простор за освежување на гостите пред натпреварот како и за време на полувремето. Беше  заменето и целосното осветлување, се отстранија четирите столба за рефлектори и се поставија 144 нови рефлектори по ободот на северна и јужна трибина со што се доби и рамномерно остветлување без сенки и степен на осветленост од 1.500 luxa  што овозможува  квалитетен тв пренос во HD резолуција. При изградбата на северна трибина беа применети  најновите стандарди на ФИФА и УЕФА во поглед на безбедноста на публиката и брзата евакуација од трибините надвор од стадионот. Согласно димезионираните излези, Северна трибина и сите други трибини, можат безбедно да бидат напуштени за само 7,5 минути, што ги задоволува и најстрогите светски стандарди. Поставени се и безбедносни противпожарни системи за дојава и за гасење на пожари.

Во однос на зголемениот конфор на гледачите на северна трибина  изведени се повеќе групи на санитарни јазли со машки и женски тоалети како и тоалети за лица со посебни потреби.

Во склоп на Северна трибина изведена е интерна улица која овозможува безбедно пристигнување  и заминување на фудбалските екипи  од и до соблекувалните. Тука се и просториите за судии и тренери на екипите како и медицински екипи. Во приземјето е сместен и прес центарот за новинари и фоторепортери како и сала за прес конференции. Северна трибина со дел од подтрибинскиот дел беше свечено пуштена во употреба на 02-08-2009 год.

Уште во периодот кога се одвиваше изградбата на Северна трибина почна  изготвувањето на проектна документација за изградба на Источна и Западна трибина, реконструкција на Јужна и реконструкција на теренот со атлетските борилишта, како целина.

Отпочнувањето на работите за изградба на Источна и Западна трибина започна на 08-09-2009, а  двете трибини беа предадени во употреба на 24-04-2011 година. Со тоа се добија комплетно нови трибини со капацитет од по 5.962 седишта или вкупно 11.924 гледачи на двете трибини и по шест санитарни јазли на секоја трибина.

Со изградбата на новата кровна конструкција се поставија  уште 70 дополнителни рефлектори со што се доби  ново осветлување на атлетската патека а дел и за засилување на осветлувањето на тревнатиот дел од стадионот, па така  последните мерења на стадионот покажаа   осветленост од 1.900 luxa. На двете триби се инсталираа и по еден видео бим на кој може да се врши и тв пренос, репризирање на настани и објавување на резултати. Во текот на 2014 година се пријде кон реализација на фасадното обликување со илуминација на Источната трибина со што започна да се добива  финалниот изглед на стадионот. Изведени се и по две скалишни јадра кои служат за брза евакуација на публиката од стадионот надвор.

Јужна трибина беше реконструирана во текот на 2010 година, со што беше комплетно заменет покривот на трибината,  беа реновирани  бетонските елементи, а беше извршена и  изведба на комплетно нови санитарни јазли за потребите на гледачите. Со самата реконструкција беа опфатени и старите соблекувални кои сега ги користи ФК Вардар,  се добија 10.713 места за седење со што се дефинираше  вкупниот капацитет на стадионот од 32.233 гледачи ,494  во ВИП ложа и 284 новинари или 33.011 седишта. Со оваа бројка Националната арена се вбројува во средно големи стадиони.

Како последен дел од реконструкцијата на стадионот беше опфатен самиот терен со атлетските борилишта. Изведен е  комплетно нов дренажен систем за прифаќање на дождовните води, нов систем за автоматско полевање на теренот, систем за греење во зимски период на теренот за играње со сопствена котлара. На тој начин не може  да дојде до замрзнување на кореновиот систем бидејќи  во исто време  се врши топење на евентуалната снежна покривка. Греењето на теренот се прави и  за да не дојде до замрзнување на лиснатата маса од тревата која  во зимски услови може да ги повреди фудбалерите при лизгачки стартови. Беа реконструирани и сите атлетски борилишта со атлетската патека, што е еден од предусловите за  задоволување на  светските  стандарди за одржување на  меѓународен атлетски собир од европски и  светски ранг.  .Праксата покажа дека  Националната Арена  е двојно повеке искористена од постоечките светски стандарди. Од досегашните сознанија дека на еден стадион треба да се играат  35-40 утакмици во една сезона од 10 месеци, ние имаме и до 60 утакмици за истиот период.

Завршувањето на Северна трибина беше прославено со одигрување на пријателски натпревар помеѓу репрезентациите на Македонија и Шпанија, каде што стадионот беше исполнет до последното место додека многу љубители на фудбалот останаа пред вратите без билет. На овој натпревар беше соборен и рекордот на посетеноста на стадионот кога имаше околу 27.000 гледачи, но со старите источна и западна трибина.

Потоа  следат и утакмиците со Ерменија, Русија, Република Ирска, Шкотска, Велс, Белгија, Србија, Хрватска. На овие утакмици во просек имаше помеѓу 4.000-5.000 гледачи

По повод 08 Септември – Денот на независноста на Република Македонија 2012 год се одржа прослава на некогашната  Национална Арена Филип II Македонски,  сега „Тоше Проески ’’кога на трибините и теренот имаше речиси 50.000 посетители, што преставува и своевиден рекорд на посетеност.

Во следниот циклус на натпревари на Репрезентација на Македонија одиграни се утакмици со репрезентациите на Луксембург, Словачка, Белорусија и Австралија, каде посетеноста беше помеѓу 5.000 и 7.000 гледачи. Голема посетеност имаше и на  утакмиците со Шпанија и Украина.

На 08 Август 2017 год беше одржан СуперКуп во фудбал  помеѓу победниците во Лига на Шампиони и Лига Европа Реал Мадрид и Манчестер Јунајтед , при што Арената беше исполнета до последното место.

Во следниот период , со подеднакво високи професионални стандарди на објектот беа пречекани и репрезентациите на Австрија, Полска, Словенија ..

Неограничените можности на овој стадион за организирање настани од различен карактер беа потврдени и со настапите на голем број музички ѕвезди. Десетици илјади посетитители ги следаа концертите на Стинг, Џејмс Браун, Сантана, Пинк, како и  на глобално познатиот диџеј и продуцент Дејвид Гета.Концерти одржа и Тоше Проески, Здравко Чолиќ, Жељко Јоксимовиќ кога имаше помеѓу 40.000 и 45.000 посетители.

Со Одлука на Владата на Република Северна Македонија донесена на 09 Април 2019 година Националната арена е преименувана во „Национална Арена Тодор Проески“, а скратен назив е Национална арена Тоше Проески.